Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на чие чело е првиот вицепремиер, Артан Груби денеска се вселува во новата владина зграда. Објектот кој досега го користело Акционерското друштво за станбен и деловен простор се наоѓа во близина на Македонскиот народен театар, на улица „Филип 2“, во центарот на Скопје.
Увид на вселувањето денеска изврши премиерот Зоран Заев кој изјави дека Владата втор мандат успешно продолжува да го надоградува концептот за едно и еднакво општество за сите.
– Со таа цел денес се наоѓаме во новиот објект на владата на РСМ каде помеѓу другите институции ќе биде и Министерството за политички систем кое беше основано со единствена цел на најдобар начин да одговори на потребите на граѓаните, рече Заев.
Тој истакна дека со обезбедување на просторното решение се обезбедуваат услови за реализација на работите што се однесуваат на функционирање на политичкиот систем, реализацијата на стратешките приоритети поврзани со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договр, како и обезбедување координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој договор.
Новите простории на Министерството се откупени од Акционерското друштво за станбен и деловен простор.
– Новиот простор е обезбеден благодарение на можноста самата Влада, министрите под раководство на првиот потпретседател на Владата, од голем дел од заштедените средства уплати 620 милиони денари или 10 милиони евра на Акционерското друштво за станбен и деловен простор за да ја откупи зградата која го врати кредитот. Значи државата си врати кредит со овие пари, притоа доби едно ново Министерство, рече Заев.
Иако во оваа зграда првично беше планирано да се смести Државната комисија за спречување на корупцијата, Заев вели дека за Комисијата биле предвидени пари да се направи реконструкција на постојните простории.