Од Центарот за управување со кризи денеска информираат дека примен е повик од лице кое се наоѓа во викендичка во мавровското село Леуново, на локација над хотел „Радика“, кој е со сопругата која цело време е приклучена на апарат за кислородна поддршка кој работи на струја, по што за денеска е договорено да се интервенира во чистење, за да може пациентката да биде транспортирана до Клиничката болница во Гостивар.
Како што информираат од ЦУК, биле на лице место, но поради висина на снежна покривка од околу 1 метар, не се во можност жената да јa пренесат до амбулантното возило.
Денеска се интервенира во чистење на делницата од 100 – 150 метри се до влезната врата на викендичката, за да може екипа од ИМП Гостивар да ја преземе и транспортира пациентката до Клиничката болница во Гостивар.
Слична голгота преживуваат и луѓето кои останаа завеани во мавровското село Никифорово, по обилните врнежи кои го зафатија западниот дел на државата изминатиов викенд.
Откако останаа без струја (неколку дена) и без расчистен пат до доцна попладне во понеделникот, неколку граѓани се одлучиле да се обидат со свои возила да се пробијат до Леуново и понатаму во насока на регионалниот пат кон Скопје, но останале заглавени во високите снежни навеви на патот да ја дочекаат ноќта.
Според неофицијални информации добиени од повеќе жители на мавровскиот крај, причина за ваквата состојба било тоа што тендерот за изведувач на работите на чистење на снегот штотуку бил распишан на крајот на ноември, кога веќе е вообичаено да има снежни врнежи.