Првиот директор на „Финзи“ сведок во „Трезор“: Не знае кои биле сопственици на компанијата, иако му давале стотици илјади евра за вложување!

by fokus

На денешното рочиште за случајот „Трезор“, во кој обвинет е и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков , за набавка на опрема за УБК, преку компанијата „Финзи“, сведочи Владислав Стајковиќ, брат на обвинетиот Небојша Стајковиќ, поранешен помошник министер во МВР.

Сведокот имаше законско право да одбие да сведочи пред судот,  бидејќи е во роднинска врска со еден од обвинетите, но тој избра да сведочи.

На прашањата на обвинителите од СЈО, одговори дека тој бил првиот управител на компанијата „Финзи“. Оваа компанија пак како што рече била основана од некоја држава од Америка, за која не се сеќавал, бидејќи било оддамна.

-Ми дадоа полномошно да ја регистрирам фирмата во Централен регистар, рече сведокот.

На прашањето, кој точно му го дал полномошното, Стајковиќ рече дека не е сигурен, но мисли дека ги добил од покојниот Илија Камчев.

-Со него разговаравме за инвестиција во Систина кардиологија, во која што „Финзи“ е влезена со основачки влог од 650.000 евра, за 50% сопственост од кардиологијата, рече сведокот.

На прашање од обвинителот, од каде компанијата имала 650.000 евра, сведокот одговори дека парите биле на мајката фирма од Америка. Но обвинителот инсистираше тој да одговори од која држава средствата стигнале, по што Владислав рече дека не се сеќава и дека може да се види од банкарските изводи.

-Јас од вчера не се сеќавам од каде сум добил прилив, а не пак податок од 2010 година, рече сведокот.

На прашањето дали некогаш ги запознал сопствениците на мајката фирма, рече дека никогаш не бил во Америка, ниту му паднало на памет да ги знае сопствениците.

-Доволно ми беше полномошното кое беше потпишано од управителите на фирмата, рече Владислав, додавајќи дека сопственичката структура за него била тотално небитно.

На барањето на судијката конкретно да одговори дали ги запознал или не сопствениците тој рече: „Можеби ги знам ама не знам дека тие се сопствениците. Едноставно кажано до ден денес не знам кои се сопственици на мајката фирма“’.

Обвинителот Артан Ајро, пак праша на кого давал отчет за купување на удели, на што приговараше адвокатот Петар Василевски, но судијката го дозволи прашањето.

Сведокот не одговори директно, туку рече дека работел според сите законски прописи, и дека доставувал изештаи до сите надлежни институции. Потоа додаде дека самостојно управувал со фирмата и немал обврски да давал отчет, и постапувал до таму до каде што имал овластувања.

Тој рече дека не се сеќава точно за која дејност била регистрирана компанијата, односно дека била регистрирана за сите дејности, ама не знаел која била наведена како главна. Во пракса, пак, како што рече се бавел со она што најдобро го знаел, односно трговија, сервис, одржување на електронска опрема и сл.

Тој одговори и дека додека тој бил директор во „Финзи“ немало ниту еден вработен, бидејќи тој бил вработен на друго место, а потоа првиот вработен бил новиот управител, сега покојниот Коста Крпач.

Сведокот Владислав истакна дека соработувал со Британската компанија Гамма, преку која и ја набавил опремата за МВР, но поради дупки во сеќавањето, не се сеќаваше на повеќето детали. Рече дека лично стапил во контакт со Гамма во 2010 и со нивен претставник Џони Дебс направиле презентација во МВР за опремата. Се сети дека на презентацијата присуствувал и Горан Гујевски.

Тој појасни дека не се сеќава дали тој го закажал состанокот во МВР за да вршат презентација.

Обвинителот Ајро го праша дали имало технички прием на опремата, на што тој рече дека би требало да има но точно не можел да се сети.

Според обвинението на СЈО обвинетите, Мијалков, Стајковиќ, Тони Трајковски и Горан Грујевски, се гонат бидејќи направиле проневера на 860.000 евра за набавка на опрема од странство а за потребите на Петтата управа во УБК.

Поточно, според СЈО, Мијалков, Јакимовски и Грујовски во 2010 година отпатувале во Лондон и договориле  набавка на опрема за пресретнување на комуникациите. Но наместо набавката да оди преку министерството, функционерите ја вклучиле и компанијата „Финзи“. Откако компанијата ја превзела набавката, увозот на опремата го фактурирале по двојно поскапа цена.

Набавката е направена во 2010 година, а „Финзи“ е формирана една година претходно.

На обвинителите од СЈО им било сомнително тоа што компанијата била без ниту еден вработен, а ниту имала пари да ја набави опремата, но и покрај тоа МВР ја одбрало за партнер. Сомнително било и тоа што воопшто на МВР и бил потребен посредник во зделката.

„Финзи“ е во сопственост на фирма во САД,  а компанијата од САД ја поседува фирма од Кипар. Прв дирктор на „Финзи“ беше Владислав Стајковиќ, а последен Коста Крпач, сведокот на СЈО кој се самоуби.

В.В.

Поврзани новости