Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска ќе престојува во работна посета на Македонија, каде ќе има средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес.
Претседателот Стево Пендаровски ќе биде домаќин на првиот човек на Европскиот совет, кој во земјава ќе допатува од Тирана. Пендаровски и Мишел попладнево ќе имаат тет-а-тет средба, а потоа ќе одржат заедничка прес-конференција.
Претседателот на Европскиот совет, пред околу еден месец во интервју за неколку европски весници, оцени дека до мај, кога ќе биде одржан Самитот ЕУ-Балкан во Загреб, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата на ЕУ и дали тоа би било формален услов за согласност за Унијата да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Посетата на првиот човек на Европскиот совет, доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.