Македонски шуми ги соопштија првичните проценки за штетите од пожарите.
Според нив, на планината Серта, каде со денови пустошеа пожари, изгореле 9.000 хектари шума. Од страната кон Неготино опожарени се над 5500 ха, а од штипската страна пеплосани се близу 3000 ха или вкупно околу 8 500 ха.
– Пред се се работи за шума која е со слаб квалитет, слаба дабова шума, меѓутоа она што е најважно да се каже е дека, тоа за регионот и пошироко ќе значи еколошка бомба. Тоа е она што мора да го имаме предвид ние и сите општествени чинители во Македонија, изјави Кире Михаилов, заменик генерален директор на Македонски шуми.
По згаснувањето на пожарите, следи чистење на планината, а потоа ќе почне пошумувањето. Но, во расадниците на национални шуми нема доволно садници за обновување на опожарените подрачја.
Покрај растителниот свет, настрада и животинскиот. Штетите се епохални и потребни ќе бидат децении, за повторно се врати животот на планината. Според првичните проценки, над 38 милиони денари изнесува вкупната штета од 73 пожари од јануари до јуни годинава.
Изминатиот период огнот беснееше и во радовишко и струмичко. На планината Плачковица пеплосани се 197, а во струмичко 400хектари.