Првични проценки: Авионот што се урна во Иран не бил погоден со ракета

by fokus

Првична проценка на западните разузнавачки агенции е дека украинскиот авион што се урна во Иран не бил погоден од ракета, јавија светските агенции повикувајќи се на канадски безбедносен извор кој побарал да остане анонимен.

Истиот извор додал дека според странски разузнавачки агенции, авионот „Боинг 737“ имал технички проблем.

Светските агенции пак објавуваат дека авион не сигнализирал дека има проблем, но се обидел да се врати на аеродромот во Техеран. Агенциите се повикуваат на прелиминарен извештај што го објави Иранската организација за цивилно воздухопловство.

Очевидци на земја и во авионите кои летале во околината им рекле на иранските истражители дека „Боингот 737“ се запалил уште додека бил во воздух.

При уривањето на авионот на украинската авиокомпанија Интернешнел ерлајнс дошло до голема експлозија најверојатно затоа што бил полн со гориво за летот до Киев, се вели во извештајот.

Украинскиот авион се урна веднаш по полетувањето кон Киев од аеродромот во Техеран. Во авионот имало 167 патници и девет членови на екипажот. Во несреќата загинаа 82 Иранци и 63 Канаѓани, како и граѓани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Велика Британија.

Авионот се урна неколку часа откако Иран изврши ракетен напад врз две бази во Ирак во кои се распоредени американски војници.

Поврзани новости