Краток спој на електричната инсталација меѓу компјутерот и фискалната каса е причина за пожарот кој избувна во кафулето „Фонтана“ во трговскиот центар „Мавровска“ во Скопје, пишува „360 степени“.
Ова се првичните информации од увидот што го направиле вештак и инспектори од МВР на местото на настанот. Увидот е завршен и се очекува и официјална информација од надлежните.
Во појдовните фази од истрагата и увидот имаше сомнежи дека пожарот е подметнат и дека е дел од пресметките на две криминални банди кои се случуваат подолго време во Скопје. Уште повеќе што во февруари 2019 година беа поставени две експлозивни направи кај „Фонтана“, од кои едната експлодираше и предизвика материјална штета на околните дуќани во ТЦ „Мавровка“.
Пожарот во полиција бил пријавен рано утрото во 01:50 часот. Повредени лица нема, а според сликата од лице место, може да се види дека во целост изгоре терасата од кафулето.