Да ги почекаме забелешките од Европската комисија до крајот на месецот, па ќе споделиме детали од документот пратен во Брисел, порача министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан за содржината на реформската агенда, односно дали во нацрт-верзијата е ставено распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, предлог на Владата, кој наиде на критики од меѓународната заедница.
-Не дека не знам, но не сакам да споделувам информации за кои не сум овластен да ги споделам. Тие се информации од надлежните министерства и затоа не можам да ги споделам. Кога ќе добиеме официјален одговор од ЕК, секако дека ќе ги споделам – вели Муртезани.
Според Муртезани, првиот дел од средствата кои ЕУ ги намени со Планот за раст на земјите од Западен Балкан се очекува да бидат префрлени во втората половина од септември, по завршување на процедурите.
-На 14 јули Владата ја усвои нацрт-верзијата со придружните документи на реформската агенда и таа е испратена на внатрешна консултација. До 31 јули треба да добиеме повратни коментари, за да може после Владата да ја усвои крајната верзија на реформската агенда. После усвојувањето, следува потпишување на договор за инструмент за реформи и раст и договорот за заем и ратификација во Собранието. Се надеваме дека вториот дел на септември треба да стигне првата транша – објасни Муртезани.
Во април и мај годинава Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија – земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел. За Северна Македонија се наменети 750 милиони евра, а првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра.
Целта на Планот за раст е преку засилена економска интеграција на земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, постепено да почне да се намалува разликата во стандардот на државите од Западен Балкан и Унијата.