Можеби заканите на рускиот претседател до Вашингтон му помогнаа на Сенатот да одобри воена помош за Украина, со убедливо мнозинство и од демократите и од републиканците. Првите испораки би можеле да пристигнат многу наскоро.
Сенатот изгласа огромен пакет воена помош во вкупен износ од 61 милијарда долари. Одлуката претходно ја одобри Претставничкиот дом, пишува Дојче веле.
Лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер, оценува дека таквиот исход од гласањето е „обединета порака од Сенатот до целиот свет“. САД „секогаш ќе им помагаат на демократиите во време на потреба“, рече Шумер.
Американскиот претседател Џо Бајден веднаш штом беа пребројани гласовите најави дека ќе го потпише законот штом ќе стигне на неговото биро оваа среда. Исто така, тој најави дека оваа недела ќе пристигне првата пратка оружје и муниција во Украина.
Според информациите на Њујорк Тајмс, станува збор за оружје и опрема кои веќе се наоѓаат во магацините на армијата на САД во Европа и нема никакви пречки практично веднаш да се движат кон Украина. Портпаролот на Пентагон, Пет Рајдер, пред Сенатот објасни дека првенствено се работи за она што на Украина и е најпотребно во моментов: системи за противвоздушна одбрана и артилериска муниција.