Првата група бегалци кои побегнаа од Нагорно-Карабах пристигна во Ерменија, јави АФП. Неколку десетици жители на таа област, главно жени, деца и стари лица, пристигнаа во прифатниот центар што ерменската влада го формираше во Корниџор. Некои бегалци изјавија за АФП дека потекнуваат од погранично село, додека други рекоа дека патувале долг пат во тој планински кавкаски регион, јави Гардијан.
Денеска, азербејџанските сили ги продолжуваат операциите за повторно воспоставување контрола над Нагорно-Карабах, по офанзивата што предизвика конфузија околу судбината на 120.000 луѓе кои живеат во областа.
Ерменските власти во Нагорно Карабах денеска соопштија дека цивилите кои останаа без покрив над главата поради последното насилство ќе бидат префрлени во Ерменија со помош на руските мировници кои таму се присутни од последната војна во 2020 година.
Азербејџан вети дека ќе им дозволи на бунтовничките борци кои ќе го положат оружјето да ја напуштат зоната за Ерменија. Азербејџанското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека ќе организира автобуски конвои за овие поранешни борци, додавајќи дека тие можат да заминат и со автомобил.
Во четвртокот, сепаратистите и официјалните претставници на Баку го одржаа првиот круг преговори за реинтеграција на Нагорно-Карабах.
Планинскиот регион Нагорно-Карабах и дел од околните територии се под ерменска контрола од крајот на сепаратистичката војна во 1994 година, но Азербејџан ги врати овие територии во шестнеделна војна во 2020 година.
Војната заврши со прекин на огнот, со посредство на Русија, и оттогаш контингент руски мировници се во Нагорно Карабах.