Прва жртва на корона вирусот во Србија

by fokus

Почина пациентот од Кикинда, кој беше заболен од вирусот Ковид-19, соопшти премиерката Ана Брнабиќ на конференцијата за медиуми. Таа додаде дека на респиратори се наоѓаат осум лица, кои се борат за живот.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Србија, во 18 часот, потврдени се уште 17 случаи и вкупниот број на заболени пациенти изнесува 135 лица.

Брнабиќ најави дека од утре навечер, од 20 часот ќе биде суспендиран и јавниот превоз, а почнувајќи од недела во 20 часот, во Србија ќе се затворат и рестораните, кафулињата и трговските центри.

-Во Србија утре навечер ќе пристигне голема пратка од Кина на голем број медицински помагала, заштитна опрема, а ќе пристигнат и кинески експерти, најави Брнабиќ.

Европската унија итно и додели грант на Србија во износ од 7,5 милиони евра за борба против епидемијата. Договорот за помош го потпишаа денеска шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, амбасадорот Сем Фабрици и министерката за европски интеграции Јадранка Јоксимовиќ.

Владата во Србија прогласи епидемија на Ковид-19.

Од осум часот наутро, сите гранични премини за сообраќај, железнички и речен сообраќај се затворени.

Исто така, од 12 часот комплетно е укинат меѓуградскиот автобуски и железнички сообраќај, а оставена е можноста за автомобилски сообраќај.

На сила е забрана за излегување на лица постари од 65 години во урбани средини и за лица над 70 години во рурални области.

Исто така, постои забрана за движење за сите меѓу 20 часот и 5 часот наутро.

Поврзани новости