Северна Македонија утре првпат ќе учествува на состанок на НАТО како полноправна членка, по официјалниот прием на земјата пред неколку дена. Конференцијата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се реализира преку видео врска.
За разлика од периодот по потпишувањето на Протоколот за зачленување на Северна Македонија, кога нашите претставници добија шанса да седат на иста маса со колегите од другите земји членки, отсега државата има и право на глас.
Како што пренесе МИА од Брисел, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг утрово го најави дневниот ред на утрешниот министерски совет, кој за прв пат ќе се одржи преку безбедна видео врска.
„Утре ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија како 30 земја членка. Дури и во овие тешки времиња продолжуваме да гледаме напред“, – изјави Столтенберг.
Земјите членки на Алијансата утре ќе се фокусираат на координирање на помошта во борбата против пандемијата со коронавирусот и ќе бидат претставени мерките што НАТО и нејзините членки ќе ги преземат за време на кризата.
„Ова е глобална здравствена криза. Нашите мисли се со сите жртви на пандемијата и нивните блиски. Им благодариме на сите оние што се во првите линии – здравствените работници, поддржани со цивилни напори. НАТО има своја улога да помогне во оваа борба со невидливиот непријател“, – рече Столтенберг.
Северна Македонија, како најнова членка, исто така го користи системот за одговор на кризи на Алијансата за да се координира на владино ниво.
На утрешниот состанок, ќе се разговара и за зајакнување на одговорот на земјите на НАТО во справување со кризата со ковид-19, но и за основните операции и мисии на Алијансата.Сојузниците утре ќе разговараат за борбата против тероризмот, мировниот план за Авганистан и помошта за Украина и Грузија.