Прва седница на новиот Извршен комитет на ДПМНЕ: СДСМ прави политичко насилство преку стотици отпуштања од работа и деградирања

by Fokus

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека на првата одржана седница го осуди политичкиот прогон од власта кој преку правосудните органи се врши врз пратеници, уметници, полициски службеници и останати лица чиј единствен грев е тоа што имале храброст гласно да се спротивстават на антидржавните политики на актуелната власт.

„Носењето на неуставниот закон за двојазичност и ратификувањето на асиметричниот договор со Бугарија со кој што ќе се брише македонската историја, се доказ дека штетните антидржавни политики на СДСМ, на кои што пред изборите предупредуваше ВМРО ДПМНЕ, стануваат реалност. Ваквите политики, според Извршниот комитет ја редефинираат Република Македонија и нанесуваат штети на долг рок, кои нема да може да се надоместат“, се наведува во соопштението.

Извршниот комитет на вчерашната седница ја анализираше и „катастрофалната економска политика што ја води црното економско трио Заев, Анѓушев и Тевдовски, која земјава ја турка во банкрот. Нивната неспособност ја плаќаат граѓаните кои за само 15-тина денови, актуелната влада ги задолжи со над 570 милиони евра. Заради расипничката политика на новата власт секој жител на Македонија поединечно е задолжен со преку 250 евра, односно едно четиричлено семејство, благодарение на Заев, Тевдовски и Анѓушев ќе треба да враќа преку 1.000 евра“.

ИК на ВМРО-ДПМНЕ го осуди политичкото насилство на СДСМ манифестирано преку стотици отпуштања од работа, деградирања и раскинувања на договори. Со ваквиот начин на работа, актуелната власт ја враќа Македонија назад во времето на мрачната транзиција кога не постоеја никакви норми, а единствен критериум некој да добие работа или да го задржи своето работно место не беа професионалноста или квалификациите, туку слепата послушност кон политичкото водство“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

 

Поврзани новости