Прва реакција на Украина по експлозиите: Кримскиот мост таму е вишок објект

by fokus

Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба (ГУР) Андриј Јусов изјави дека службата нема да го коментира инцидентот што се случи утрово на мостот кон Крим во кој загинаа две лица, а едно дете е повредено.

– Сега целиот свет може да ги види километарските сообраќајни колони и оштетување на конструкцијата на мостот. Што се однесува до дополнителни коментари во врска со инцидентот, нема да има. Можам само да ги цитирам зборовите на првиот човек на ГУР, Кирил Буданов, дека Кримскиот мост таму e вишок објект, изјави Јусов.

Тој истакна дека поради оштетување на дел од мостот Русите ќе имаат проблеми со логистика.

– Русите го користат Крим како главен логистички центар за движење на силите и опремата длабоко на територијата на Украина, истакна Јусов.

Портпаролот на украинската доброволна армија „Југ“, Сергиј Брачук изјави дека причина за инцидентот би можел да биде дрон „Шахид“, кој, како што наведе, го лансирале Русите.

– Јас би ја разгледал оваа верзија, бидејќи столбот се урна токму во правец на Кубањ. Да не го заборавиме градот Приморско-Ахтарск во Краснодарската територија, од каде што се лансираат озлогласените ирански „шахиди“, кои летаат кон Украина и уништуваат цивилни објекти. Можно е еден таков „шахид“ да се „уморил“ и да паднал на столбовите на Кримскиот мост. Таквата верзија има основа, рече тој.

Портпаролката на јужната команда на украинската армија Наталија Гумењук оцени дека експлозиите на мостот на Крим би можеле да бидат провокација на руските сили, со цел да се наруши „договорот за житото“.

Две лица загинаа, а едно дете е повредено во експлозија што денеска се случила на мостот на Крим, додека сообраќајот е во прекин поради оштетување на патот, јавија руски медиуми.

Поврзани новости