Прва посета на странска делегација на Северна Кореја од почетокот на пандемијата со коронавирусот

by Fokus

Руската делегација предводена од министерот за одбрана Сергеј Шојгу пристигна во Северна Кореја, соопшти руското Министерство за одбрана.

Руската делегација ќе учествува на свеченостите посветени на 70-годишнината од крајот на Корејската војна, пренесува ТАСС.

Тоа е посета која ќе помогне во зајакнувањето на односите меѓу Русија и Северна Кореја и ќе претставува пресвртница во развојот на соработката меѓу двете земји, соопшти руското Министерство за одбрана.

Претходно, севернокорејските државни медиуми објавија дека на церемонијата ќе присуствува и висока кинеска делегација, а се очекува годишнината да вклучи голема воена парада во севернокорејската престолнина Пјонгјанг.

Според севернокорејската КЦНА, делегациите на двете земји во четврток во Пјонгјанг ќе учествуваат на прославата на 70-годишнината од „Денот на победата“.

Делегацијата од Пекинг ја предводи Ли Хонгџонг, член на Политбирото на Комунистичката партија на Кина, пренесува Ројтерс.

Како што е познато, оваа посета е прва посета на странска делегација на Северна Кореја од почетокот на пандемијата на коронавирусот, пренесува Танјуг.

Поврзани новости