458
Против 20-годишен жител на селото Љуботен е поднесена кривична пријава во врска со полициската акција за сузбивање на шверц со тутун. Ова е прва кривична пријава за овој случај, а ја поднесе скопското јавно обвинителство. 20-годишникот е осомничен за избегнување на плаќање акциза.
„Со намера да избегне целосно плаќање на акцизата на која е обврзан со Законот за акцизи, на 01.07.2019 година од непознато лице осомничениот набавил акцизни тутунски добра без контролни маркици. Со намера да го продава тутунот на зелениот пазар Бит Пазар, го натоварил во патничко моторно возило Фолксваген голф. При обидот да го превезе тутунот, осомничениот бил сопрен од страна на полициски службеници. При контрола на возилото биле пронајдени 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE SUPER KAMELIA VIRGINIA” и 100 кутии од по 600 грама тутун со натпис на кутиите “GREECE TOBACCO VIRGINIA” или вкупно 120 килограми фино сецкан тутун. За овие тутунски добра осомничениот избегнал и не платил акциза во вкупен износ од 162.000 денари“, информираа од обвинителството.
Од таму додаваат дека доставиле предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот: забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.