Титулата Прва дама во светот ја носат сопругите на претседателите на државата, и иако немаат официјална функција, првите дами секогаш носат голема одговорност со своето појавување на државните церемонии.
Македонија до денес имала пет први дами. Титулата прва ја носеше Нада Глигорова, сопругата на поранешниот претседател Киро Глигоров, потоа Вилма Трајковска, сопруга на починатиот претседател Борис Трајковски, па Јасна Црвенковска, сопруга на Бранко Црвенковски, Маја Иванова, сопруга на Ѓорге Иванов, и моментално актуелната Прва дама Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Иако кај нас последниве десеттина години им се посветува поголемо внимание на првите дами, посебно за време на официјални посети на државници, каде се наоѓаат во улогата на придружба на својот сопруг, во светот првите дами со децении наназад биле актуелна тема во медиумите. Многу од нив, најмногу поради својот моден стил, станувале икони кои се следат во чекор и кои дури ги диктираат модните трендови.
Џеки Кенеди, Карла Бруни, Меланија Трамп, Брижит Макрон се само дел од листата на најдобро стилизирани први дами кои никогаш не поминале незабележано. Кога е јавното појавување на нашите први дами во прашање, во последно време се повеќе се посветува простор околу тоа кој се погрижил за нивниот изглед, чија креација облекле, дали достоинствено ја претставиле државата на церемониите на кои се појавиле.
Актуелната прва дама Елизабета Ѓоргиевска, уште при своите први јавни појавувања ги освои симпатиите и позитивните критики од страна на модните критичари. Совршени модни комбинации од кои зрачи нејзината смиреност, елеганција, изграден стил, но и порака за еден вид на дипломатска умешност изразена преку модниот избор, се она кое ја следи Ѓоргиевска веќе три години, откако ја носи титулата. Одмереност при изборот на креациите, во кои иако на ненаметлив начин, таа секогаш е забележана, но и запаметена на настаните.
Околу тоа кој се се грижи за нејзиниот стил, познато е дека редовно соработува со домашни дизајнери. Се има појавено во креации на Лидија Георгиева, Никола Ефтимов, Ирина Тошева, Тања Кокев… И претходната Прва дама на Македонија, Маја Иванова, често пати нагласуваше дека секогаш избира домашни дизајнери за време на официјални појавувања. Раскажуваше дека облеката и ја креира и шие дизајнерката Бубе Ристевска, а често се одлучувала и за модели на штипските „Астибо“ и „Грација“, како и на скопска „Бела“. Додека ја носеше титулата, таа најчесто се појавуваше во еднобојни костими со должина која ги покрива колената и елегантни салонки. Нејзините комбинации беа со малку детали, со прави линии и форми. Иванова беше Прва дама со најдолг стаж во земјава, односно цели десет години.
За нејзината претходничка, Јасна Црвенковска, никогаш не се пишувало многу, бидејќи таа ретко се експонираше во јавност. При јавните појавувања, најчесто беше облечена во еднобојни костими, а изгледот го надополнуваше со златен накит. Црн костим и црна кошула беа нејзин најчест избор за време на ретките јавни појавувања. Дали соработуваше со модни дизјанери, или пак сама го правеше изборот на гардероба за време на официјални државнички средби, никогаш не откри во јавност.
Вилма Трајковска пак, беше препознатлива по строгите елегантни костими, но и по бисерните гердани кои беа нејзин заштитен знак. Најчесто избираше смирени и еднобојни комбинации, надополнети со марами. И денес, иако јавноста ретко има можност да ја види, таа изгледа отмено и е верна на својот препознатлив стил.
Нада Глигорова, која беше првата Прва дама на Македонија, од 1991 до 1999 година, беше на возраст од 71 година кога ја доби титулата, односно кога нејзиниот сопруг Киро Глигоров стана претседател на Македонија. На јавните појавувања секогаш беше стилизирана.
Елегантни костими, најчесто во бела или црна боја, надополнети со марама или пак со гердан со бел и црн бисер, со препознатливата коса собрана во пунџа, а во зима пак со шубарата и бундата од крзно, за неа често се кажуваше дека е македонска Јованка Броз, кога е модниот стил во прашање. Според вниманието кое во последниве години им се посветува на првите дами, односно нивното ставање под лупата на модните критичари, носењето на титулата не е ниту малку лесен товар. Строго следење на протоколи на настани, на кои јавноста сепак очекува првите дами да остават и свој белег, да ја претстават земјата достоинствено и со стил, и да бидат запаметени, е она кое е дел од неофицијалната функција на сопругите на претседателите.
Да се покаже елеганција и модна зрелост, доволно да се открие, а уште поважно, доволно да се покрие, да се биде препознатлив, а да не се изгледа евтино, но и да се искористи модата како симболика, се дел од очекувањата кои ги носи титулата Прва дама.
Вики Клинчарова