Националните комисии за УНЕСКО на Република Северна Македонија и на Република Албанија, утре во Охрид ќе ја одржат првата заедничка седница. Работната средба, како што е најавено, ќе ја координираат министерките за култура на двете земји, Ирена Стефоска и Елва Маргарити, кои се и претседателки на националните комисии за УНЕСКО.
Седницата, како што информираат од Министерството за култура, е посветена на идната координација во контекст на заедничкото управување со Охридскиот Регион, во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО и на средбата ќе учествуваат и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини како и неговиот албански колега, министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси.
На седницата ќе се дискутира за Нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО за „Природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, а ќе бидат дефинирани и приоритетите и следните чекори за заедничко дејствување, како и потпишување на заедничка изјава во насока на зачувување на статусот на светско наследство на Охридскиот Регион.
Министерките за култура Стефоска и Маргарити, на состанокот ќе потпишат и Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерствата за култура на Република Северна Македонија и Република Албанија за периодот од 2021 до 2026 година.