Вадим Шишимарин (21) може да се соочи со доживотна затворска казна затоа што му пукал во глава на 62-годишен Украинец во областа Сума на 28 февруари, четири дена по почетокот на инвазијата.
Според Шишимарин, додека се повлекувале, тој и неговите колеги заплениле цивилен автомобил фолксваген. По пат виделе невооружен маж како разговара на телефон: „Добив наредба да пукам, пукнав во него, тој падна, ние продолживме понатаму“, рече тој.
Судијата го праша Шишимарин дали ќе се изјасни за виновен. Шишимарин одговори: „Да“. „Целосно?“, праша судијата, на што рускиот војник одговори потврдно.
Заробениот Шишимарин бил припадник на руска тенковска единица и е кривично гонет според делот на украинскиот кривичен закон што се однесува на законите и обичаите на војната.