Прв круг од претседателските избори во Турција – пет важни лекции

by Fokus

Според резултатите од првиот круг на претседателските избори, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во неделата водеше со 49,5 отсто од гласовите, а од овие избори може да се извлечат пет лекции.

Падот на турската лира, кој наесен ја доведе инфлацијата до 85 отсто, се очекуваше да ги поттикне турските гласачи да гласаат против Ердоган.

Сепак, турскиот претседател, кој трипати ја зголеми минималната плата во една година, даде повеќе ветувања во предизборната кампања, вклучително и двојно зголемување на платите на државните службеници.

Овие мерки убедија дел од електоратот во земјата, каде што „економските гласови не се толку важни како што тврдат аналитичарите“, оценува Берк Есен, истражувач за политички науки од Универзитетот Шабанџи во Истанбул.

За да ја врати економијата на вистинскиот пат, опозицијата вети дека ќе ги зголеми каматните стапки за инфлацијата да падне под 10 отсто „во рок од две години“.

Професорот по меѓународна економија Умит Акчај смета дека овие ветувања на опозицијата „не предизвикаа ентузијазам кај луѓето кои во основа се соочуваат со тешкотии“.

„Курдските гласови го објаснуваат добриот резултат на опозицијата“, вели Јоханан Бенхаим, раководител на современи студии на Францускиот институт за анадолски студии во Истанбул.

Кемал Киличдароглу освои најдобри резултати во провинциите со мнозинско курдско население лоцирани на југоистокот на земјата, особено во Дијарбекир, каде што освои 72 отсто од гласовите, откако на негова страна застана прокурдската Демократска партија на народите (ХДП).

Истражувачот Бајрам Балчи вели: „Стратегијата на Ердоган за поврзување на опозицијата со Курдите, ПКК и тероризмот се покажа успешна“.

Преживеаните од разорниот земјотрес, кој ја погоди земјата на 6 февруари, го изразија својот гнев еден ден по катастрофата, обвинувајќи ја државата дека бавно интервенира во нивните провинции, особено во Адијаман и Хатај.

Сепак, Ердоган вети дека ќе обнови 650.000 домови за преживеаните од земјотресот што е можно поскоро. Берк Есен смета дека оваа „порака изгледала веродостојна“ за некои гласачи.

На овој начин турскиот претседател ги задржа своите многу високи резултати во повеќето погодени провинции и освои 72 отсто од гласовите во Кахраманмарас, 69 отсто во Малатија и 66 отсто во Адијаман. Во Хатај неговиот резултат остана стабилен на 48 проценти.

Пробивот што го постигна националистичкиот кандидат Синан Оган е едно од изненадувањата на изборите. Овој поранешен претставник освои повеќе од 5 отсто од гласовите, а и Ердоган и Киличдароглу направија коалиција со националистичките формации.

„Национализмот е составен дел од турскиот политички пејзаж“, вели Умут Озкиримли, истражувач во Меѓународниот институт за истражување во Барселона: „Тоа е константа од 1990-тите.

Тежината на националистите, чии различни формации собраа 22 отсто од гласовите на парламентарните избори, кои се одржаа во исто време со претседателските избори, може да се објасни и со прашањето за сириските бегалци кои престојуваат во Турција.

„Најголемата промена во ситуацијата е што десната и крајната десница сега се масовно во центарот на играта“, вели Јоханан Бенхаим.

Сите или повеќето анкети покажаа водство на Киличдароглу пред претседателот Ердоган, а некои дури и предвидуваа победа на опозицијата во првиот круг.

Сепак, турскиот претседател им докажа дека грешат откако освои 49,50 отсто од гласовите, иако битката не беше решена во првиот круг, како што се случи во 2018 година.

Поврзани новости