Пеѓа Јовановиќ, пејачот кој за кратко време успеа да стане препознатливо име на балканската музичка сцена, ќе го одржи својот прв концерт во Скопје. Настанот ќе се случува на 5-ти април во СЦ Јане Сандански, а Пеѓа доаѓа со својот „Big Concert Orchestra“.
Она кое е впечатливо за него е што првиот солистички концерт во Белград го одржа во ноември 2022 година, а со тоа го означи и својот пат кон врвот на музичката сцена. Наредната година го издаде првиот албум ,,24/7”, и за сите објавени песни сними видео записи. Многу од песните и денес се наоѓаат на врвот на повеќе музички листи во регионот.
Потоа, во 2024 година успеа да распродаде дури осум ,,МТЦ” сали, а во Сава Центар одржа три концерти, односно за релативно кратко време на сцената успеа да стекне голема популарност.
-Успехот на Пеѓа Јовановиќ се должи не само на неговите авторски песни кои ги растреперуваат чувствата, туку и на извонредните преработки на песни од неговите колеги, кои добиваат нов живот, поинаква димензија преку неговиот уникатен стил на изведба и интерпретација, велат од Евент Продукција, кои се организатори на скопскиот концерт на Јовановиќ.
Вики Клинчарова