Новиот министер за транспорт и врски, Александар Николоски најави дека ќе разговара и со кредиторите за да се преиспита проектот железнички коридор 8 трета фаза.
Повод за ваквата реакција на министерот, како што рече, се загрижувачките наводи во извештајот на државниот ревизор за инвестициите на автопатиштата и во железничката инфраструктура, но и тендерот за третата фаза од железничкиот коридор 8 за кој денеска завршува доставувањето понуди.
Тендерот, како што рече Николоски, е распишан во предизборен период и е темпиран да заврши во момент кога новата влада не може да го поништи и да реагира бидејќи потписите на министрите сѐ уште не се депонирани.
– Тендерот е во вредност од 560 милиони евра, за кој денеска завршува рокот за доставување понуди. Тука имаме разлика од 220 милиони евра за фазата 3 од железничката пруга Крива Паланка до границата со Бугарија. Оваа пруга е планирано да минува низ центарот на Крива Паланка каде што се зафаќаат многу куќи и имоти. Тие треба да се рушат, а луѓето ќе останат без куќи. Процесот на експропријација ќе биде тежок. И што е најважно пругата завршува во тунел, што е невиден скандал. Вториот дел од тунелот кој е на бугарска страна и за него Бугарија нема направено проект ниту испитување на теренот, дали може да се гради на истата локација на која е планиран тунелот на македонска страна. Можеби нема да може да се продолжи овој тунел што ќе значи дека оваа инвестиција може да биде промашена – рече Николоски.
Тој додаде дека скандалозно е и тоа што изградбата на овој дел од пругата кон Бугарија чини 25 милиони евра за еден километар.