Додека власта е на добар пат да постигне договор со бугарската страна за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до меѓудржавната граница, „Фокус“ истражуваше како тече изградбата на останатите 2 секции. Па, ако првата траса од Куманово до Бељаковце е речиси готова, сосема поинаку е на втората траса меѓу Бељаковце и Крива Паланка, каде што, според податоците што ги обезбедивме, на половина од времетраењето на договорот, процентот на реализација е 25 отсто. Притоа, изведувачот ангажирал 4 подизведувачи за вкупно 15 отсто од договорот, меѓу кои има 2 компании во сопственост на турски државјани, регистрирани во ист ден, и згора на тоа – на иста адреса!
Влатко СТОЈАНОВСКИ
Иако уште пред век и половина била проектирана железничка линија што минувала од Скопје до Ќустендил, како дел од паневропскиот Коридор 8, сепак до денес оваа пруга не е изградена. Во овие 3 децении по осамостојувањето на Македонија, во неколку наврати почнуваат градежни активности со цел изградба на стратешки важната железница, но и домашните и странските компании ја оставаа работата на половина.
Со цел реализација на вековната идеја за железничко поврзување на Скопје и Софија, во 1994 година биле ангажирани најголемите градежни компании во земјава, како „Гранит“, „Бетон“, „Илинден“ и „Маврово“. Тие почнале со работа и завршија одредени градежни работи, меѓутоа во 2004 година целосно ја сопреа изградбата поради политички и економски проблеми.
Голем чекор напред кон реализација на проектот се направи пред 2 години, кога тогашната влада на СДСМ склучи договори со странски фирми за изградба на 2 од вкупно трите секции, на колку што е поделена пругата од Куманово до границата со Бугарија, во вкупна должина од 90 километри.
За изградба на првата делница од Куманово до Бељаковце, долга 31 километар, беше потпишан договор со австриски „Штрабаг“ во износ од над 40 милиони евра, додека за втората секција од Бељаковце до Крива Паланка од 34 километри беше потпишан договор со турски „Гулермак“ во вредност од 155 милиони евра.
Што се однесува до третиот и најтежок дел од трасата од Крива Паланка до бугарската граница од 23,4 километри беше обезбедена финансиска конструкција од преку половина милијарда евра и почна процес на избор на изведувач, но цела постапка ја прекина новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, чии претставници обвинија дека проектот бил коруптивен, па дури и дека на премиерот Христијан Мицкоски му бил нуден поткуп.
Меѓутоа, додека македонската Влада е на добар пат да најде заеднички јазик со Бугарија, бидејќи двете страни во Софија веќе постигнаа прелиминарен договор заеднички да го изградат тунелот што ќе ги поврзува двете држави, кој треба наскоро да биде потврден и на средба во Скопје, „Фокус“ истражуваше како се одвива досегашната изградба на останатите 2 делници.
Па, ако првата траса од Куманово до Бељаковце е речиси готова, сосема поинаку е на втората делница меѓу Бељаковце и Крива Паланка, каде што, според податоците што ги обезбедивме, на половина од времетраењето на договорот, процентот на реализација е 25 отсто. Притоа, изведувачот ангажирал 4 подизведувачи, меѓу кои има 2 компании во сопственост на турски државјани, регистрирани во ист ден и на иста адреса.
Имено, како инвеститор на проектот се јавува ЈП Железници-Инфраструктура, од каде ни доставија информации, според кои за изградба на втората секција од Бељаковце до Крива Паланка, долга 34 километри, на 20.7.2022 година потпишан е договор вреден 155.031.533 евра со турски „Гулермак“, кој почнал со градежни активности на 19.10.2022 година.
Патем, рокот за изградба на оваа делница, плус 29 мостови, 15 тунели, 8 надвозници и подвозници е 22.10.2026 година. Иако поминаа 2 години од склучувањето на договорот, или половина од предвидениот рок за завршување на проектот, до септември годинава, фактичкиот физички прогрес изнесува само 24 отсто, додека финансискиот прогрес до месец јули е 24,92 отсто.
Грубо кажано, тоа значи дека работите на оваа траса се одвиваат со двојно побавна динамика од предвидената со договорот, кој досега би требало да биде реализиран околу 50 проценти. Доколку продолжи истото темпо, според кое на изведувачот му требаат 2 години за завршување на 25 отсто од работите, кон крајот на 2026 година, наместо да биде реализиран цел договор, ќе биде реализиран само половина.
Покрај тоа, обелоденуваме дека турски „Гулермак“ ангажирал 4 одобрени подизведувачи, меѓу кои има позната домашна компанија и фирми во сопственост на турски државјани. На сите нив им припаднал дел од договорот, така што изведувачот им отстапил или доделил вкупно 15,54 проценти од колачот, што во пари му доаѓа безмалку 25 милиони евра. За кои подизведувачи станува збор?
Една од нив е компанијата за производство на експлозиви „Мактек“, која всушност добила најмал дел од договорот за втората секција од пругата кон Бугарија од 0,01 отсто. Според Централниот регистар, оваа компанија, формирана во 2004 година, е во сопственост на грчкиот државјанин Алексиос Ѕисиос.
Потоа, на списокот на подизведувачи е и градежната компанија „Паша Констракшн“, која добила 1,95 отсто од вредноста на договорот. Тековната состојба на друштвото покажува дека е основано на 7.3.2023 година, или половина година по потпишувањето на договорот за изградба на трасата. Компанијата е во сопственост на Сонер Сумеркан од турски Трабзон, кој е соуправител заедно со Омер Дагхан Чаглајан, исто така од Турција, но со адреса и во Скопје.
Трет по ред подизведувач, според висината на отстапениот договор (2,02 отсто) е „Симал Констракшн“, во сопственост на Халил Ибрахим Шимшек, а управител е Левент Долгун – и двајцата од Анкара. Она што е интересно, „Симал Констракшн“ е основана на ист ден како и „Паша Констракшн“, односно и двете компании се формирани на 7.3.2023 година. Дополнително, тие се регистрирани и на иста адреса, на улицата Даме Груев во центарот на Скопје.
За втората делница ангажирани се и турски подизведувачи, основани во ист ден и на иста адреса.
Иако „Паша“ имала помал дел од договорот во споредба со „Симал“, сепак, ланската 2023 година остварила повисоки приходи во висина од 7 милиони денари, а добивката изнесувала од 3,6 милиони денари. Истата 2023 година, „Симал Констракшн“ остварила добивка од 1,6 милиони денари и расходи од 3,3 милиони денари, па годината ја завршила со загуба од 1,6 милиони денари.
Индикативно е што и изведувачот „Гулермак“, кој по добивањето на зделката тешка 155 милиони евра во 2022 година формира подружница во земјава, последните 2 години ги поминува во загуба. Така, во 2022 година остварила приходи од 42,3 милиони денари и загуба од 43,8 милиони денари. Во ланската 2023 година, пак, ги зголемила приходите на 892 милиони денари, но повторно завршила во минус од 38,5 милиони денари.
Таква мака нема нејзиниот четврти и најголем подизведувач – битолската „Стентон Градба“, која добила 11,56 отсто од договорот. Оваа градежна фирма на Горан Стојаноски и Гоце Стојаноски бележи раст во приходите од 2022 во 2023 година од 1,2 на 1,4 милијарди денари. Инаку, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ често ја споменуваа оваа фирма во меѓусебните политички пресметки.
Што се однесува до првата секција од Куманово до Бељаковце, долга 30,8 километри, договорот со австриски „Штрабаг“ е склучен на 20.7.2022 година, во износ од 40.474.992 евра. Но, треба да се посочи дека склучен е и еден анекс-договор, со кој вкупната вредност достигнала 40.796.946 евра, што претставува зголемување на основниот договор за нецели 322 илјади евра.
Со поддршка на словенечка „Искра“, „Штрабаг“ ги започнал градежните работи на 19.10.2022 година, кои, според анексот, треба да завршат во декември годинава. Планираниот физички прогрес до крајот на септември бил 96 проценти, додека фактичкиот прогрес до наведениот месец изнесувал 91 процент, што е за 5 проценти помалку од планираното. Финансискиот прогрес до јули годинава, пак, бил 73 проценти.
Освен што обезбедивме документација, извршивме посета на терен, каде што можевме да се увериме дека изградбата на првата делница од Куманово до Бељаковце е при крај, а работниците ги вршат финалните работи. Арно ама, мора да се потенцира дека на крајот оваа делница ќе чини дури 96 проценти повеќе од првично планираната со претходниот договор со „Вибе“.
Колку за потсетување, во 2014 година беше склучен договор со оваа германска компанија. Но, наместо изградбата на првата делница да заврши во 2016 година, работата се оддолжи, па во 2020 година друштвото еднострано престанува со работа, и покрај тоа што беа реализирани само педесетина проценти од договорот.
Тогаш, Владата најавуваше дека со „Вибе“ ќе се судрат на арбитражен суд. Меѓутоа, како што е нотирано во ревизорскиот извештај за капитални инвестиции, двете страни во 2022 година постигнале договор за спогодбено решавање за побарувањата од изведувачот, со што од буџетот им бил исплатен надомест од дополнителни 10 милиони евра, покрај оние 28 милиони евра за работа на терен.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.