Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со друго е незаконска и неприфатлива иницијатива, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Тој вели дека се работи за акт, со кој се прекршуваат Договорот од Преспа и Уставот на државата.
„Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел“ посочува грчкиот премиер.
Додаде дека Нова демократија како опозиција и гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.
„Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации, напиша Мицотакис на Фејсбук.