Известувањето за трагичното убиство во Ѓорче Петров, како и известувањето од случајот „Монструм“, на виделина, како многупати досега, ја извади непрофесионалноста на провладините медиуми. И немаше да бидам испровоциран да пишувам за тие продадени души од провладините портали, весници и телевизии, доколку нивното непрофесионално известување беше само партиски мотивирано.
Овојпат, како никогаш досега, тоа беше такво известување кое поттикнува национализам, верска нетрпеливост и продлабочување на тензиите. Кратко време по убиството на Ангел, велеа дека него го убиле тројца со секири и копачи, а притоа пласираа уште еден куп невистини!
МВР излезе со сосема други тврдења за убиството. Провладините медиуми злоупотребија убиство на младо дете за да поттикнат дополнителни тензии. За да посеат дополнителна омраза. Да поттикнат уште национализам. За тоа не избираа средства, не почитуваа новинарски кодекси, „газеа“ преку жртви, дури и измислуваа приказни.
ФАЛИ САМО ЕДНО КИБРИТЧЕ!
Се случија протестите, се случија немирите. Да бидам искрен, како што хушкаа провладините медиуми, во еден таков тежок и осетлив момент очекував уште поголеми проблеми со протестите. Завршија протестите во Ѓорче ‒ резултатот се неколку искршени и запалени дуќани, како и стражи во околните села со мнозинско албанско население.
Тензијата се чувствува во воздухот, се чини дека фали само едно кибритче и да почне да гори. Ама, очигледно е дека на провладините медиуми малку им е тоа. Дојде денот за известување од завршниот збор на обвинителката во случајот „Монструм“. Случај во кој се убиени пет лица, меѓу нив четири млади момчиња, кај Смилковско езеро.
Обвинителката во својот завршен збор има кажано: „Пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден. За да ви ја уништиме верата. Пукаме во машки млади луѓе за да ви ја уништиме нацијата. Пукаме во иднината на државата“!
Според обвинителката, тоа била пораката што убијците сакале да ја испратат. Нема да навлегувам во тоа кои се нејзините мотиви да каже вакво нешто. Проблемот настанува кога провладините медиуми делот од нејзиниот завршен збор го ставаат како наслов, без да атрибуираат чии се тоа зборови!! Таков цитатот како наслов, а на сликите за веста, обвинетите.
Прв впечаток дека тоа се зборови на обвинетите. Наслов кој повторно поттикнува национализам, нетрпеливост, сето тоа додадено на бурето барут кое е создадено од непрофесионалното известување за трагичното убиството од Ѓорче. И оваа подбуцнувачка вест го преплави медиумскиот простор.
КОМУ МУ ОДГОВАРААТ НОВИ ТЕНЗИИ, НОВИ КОНФЛИКТИ?
Истата вест прокружи на десетици портали и телевизии. Повторно се посади семето на омразата, нетрпеливоста. Се садеше на начин за побрзо да се ожнеат плодовите од таквата омраза. Очигледно дека креаторите на етничките тензии решиле да дотурат и од зачинот со „верски адитиви“, нели, за поубаво да се фати црното семе.
Кому му одговараат нови тензии, нова поделеност, нови конфликти? Кому? Зар не е малку бедата во која живееме, па треба да ни произведуваат нови тешкотии?! Или тоа треба да ни биде добредојдено за да не размислуваме дека повеќе од 30 отсто од населението не може да си дозволи доволно храна за да го истера месецот?!
Додека функционерите на власта, како и нивните новинарчиња, тужат на суд за, како што велат, клевети, и бараат пари за нивните душевни болки од тужените, неказнето поминуваат лажни вести кои поттикнуваат верска и национална омраза! А, со тоа во ова тензично време го доведуваат општеството во опасност од конфликт.
Ова воопшто не е ми изгледа дека е случајно, ова воопшто не е на арно! Властите најавија дека е можно да ни се одземе препораката за почеток за преговори со ЕУ, Расмусен ни кажа дека нема НАТО ни овој септември ако не го решиме името ‒ а нема да го решиме.
ДУИ најави дека ќе излезе од Владата ако нема НАТО, а опозицијата е веќе надвор од Собранието, а таму и ќе остане. Од месец во месец се задолжуваме повеќе за да вратиме помалку. Сиромаштијата расте.
Дали центрите на моќ, заслепени од желбата да останат на власт и неспособноста да ги решаваат проблемите, се спремни да произведат поголеми проблеми!? Што може да биде поголем проблем од оваа беда во која се живее? Сè ми се чини дека почнаа да си играат „Сакате ли војна?“!