Четириесетте тимови за проценка на штета досега посетиле 3.500 домови, а 15 тимови за проценка на земјоделските поседи досега посетиле околу 800 парцели, изјави премиерот Емил Димитриев при денешната посета на Црешево.
– Со оглед на бројот на оштетени домаќинства, овој пат проценката оди многу, многу побрзо од кога било претходно. Досега се проценети над 3.500 објекти. Четириесет тимови одат за проценка на куќи, 15 тимови се за земјоделски површини. Задоволен сум од темпото со кое оди проценката – рече Димитриев.
Тој најави дека наскоро ќе почне во оштетените подрачја да оди Комисијата за проценка на автомобили и земјоделска механизација.
Тој нагласи дека наскоро се очекува да почне исплатата на штетата.
Во Црешево се исчистени околу 14 километри пат, испумпана е водата од сите куќи, исчистени се канали во должина од 1.100 метри, исчистени се речни корита во должина од 1.500 метри, исчистени се и сите 18 поплавени дворови и куќи од ѓубре, тиња и отпад, исфрлени се 190 камиони со шут и кал. Исечени и отстранети се седум опасни дрвја, исчистени се две септички јами, санирани се 120 метри свлечишта и дезинфицирани се сите куќи во селото, а од шут и кал се исчистени две игралишта.