Доколку биде одлучено да има избори наредниот месец, тие ќе бидат спроведени според протокол кој произлегува од генералните препораки. Ова денеска го истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што истакна тој, протоколот е составен од неколку делови – во предизборната кампања, одржувањата на сите активности треба да се одвиваат со физичка дистанца, задолжително носење на заштитна маска и често миење на рацете.
На собирите на отворен и затворен простор ќе се внимава на бројот на учесници и ќе се користат разгласи за озвучување.
Кампањата „врата на врата“ ќе се реализира со заштитна опрема, да не се влегува во домаќинствата.
Партиските активности да се одржуваат на отворено, а задржувањето во партиските простории не треба да биде повеќе од два часа. Партискиот превоз да биде намален на 50 посто, а сите внатре да носат заштитна опрема.
На секое избирачко место мора да има дезинфекција на рацете, по гласањето повторно ги дезинфицираат рацете.