Раперот Шон Диди Комбс беше уапсен на 17 септември и моментално е во притвор во Њујорк. Тој се товари за рекет, трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација и кривични дела поврзани со проституција, а деновиве против него се поднесени уште пет пријави.
Според NBC News, адвокатот Тони Базби поднел уште пет нови граѓански тужби против раперот во неделата, а тужителите не се именувани.
Во тужбите се наведува дека Комбс сексуално ги нападнал и силувал тужителите во одделни инциденти од 2000 до 2022 година.
Двајца тужители се мажи, а три жени, од кои едната тврди дека имала 13 години кога Диди ја силувал.
Базби за медиумите изјави дека планира да поднесе вкупно седум тужби.
„Ќе оставиме наводите во овие тужби да зборуваат сами за себе и ќе работиме да видиме дали правдата е задоволена. Очекуваме да поднесуваме тужби на неделна основа со именување на Комбс и другите обвинети додека продолжуваме да собираме докази и да подготвуваме обвиненија“, рече адвокатот.
Адвокатот минатиот понеделник поднесе уште шест тужби против раперот, а сите беа отфрлени од адвокатот на Комбс.
„Г-дин Комбс и неговиот правен тим имаат целосна доверба во фактите, нивната правна одбрана и интегритетот на судскиот процес. Судењето ќе ја открие вистината“, рекоа тие.
Инаку, на раперот три пати му беше одбиена кауција, па судењето ќе го чека во притвор.
Неговото судење е закажано за 5 мај 2025 година. Федералните обвинители на сослушувањето претходно овој месец изјавија дека истражуваат повеќе од 90 уреди кои му припаѓаат на Комбс, кои беа запленети од неговиот имот во рација претходно оваа година.