Против корупцијата со моќта на интелектуалецот

by fokus

Пишува: Арбен ТАРАВАРИ

Корупција. Термин што се користи и од времето на Латините за да се опишат нелегалните дејствија во едно општество. Таа е механизам на моќ и доминација. А од неа најмногу се погодени сиромашните општества.
Она што е најлошо е што таа води кон деструкција на довербата во едно општество и нанесува трајна штета на замислата за здрава и добра средина за опстанок и развој. Корупцијата е поим, кој во себе содржи еден театар на дејствија, при што државата и демократијата се најсигурните жртви.

КАДЕ Е ПРОБЛЕМОТ?

Дали имате чувство дека полека навлегувам во опис на она што се случува во нашето секојдневие!? Повеќе од сигурен сум дека добар дел од вас што ги читате овие редови, ќе го потврдите тоа. Државата ни се има докажано на теренот на најкорумпираните земји, за што сведочат бројни истражувања и анализи.
Нема место каде што не можеш да ја лоцираш. Да не речам уште во градинките, каде што „врските“ или позиционираноста значат и подобар третман на децата, продолжувајќи со училиштата каде што се „подаруваат“ оценки и се наградува незнаењето, па до вработувањата, каде што во многу голем број случаи дипломата или искуството не играат улога, туку партиската сервилност, поврзаноста со моќниците, и што ли уште не.

Но, она што уште повеќе ме загрижува е појавата и егзистирањето на еден вид интелектуалец во оваа држава, кој, наместо отворено да зборува за мрачните појави во општеството, вели дека сè е совршено и идеално, додека во меѓувреме бројни извештаи, категоризации и листи потврдуваат дека тоа не е случај.
Каде е проблемот? Зошто не се размислува на систематичен и аналитичен начин во справувањето со овие загрижувачки феномени?!

ВРЕМЕ Е ДА СЕ ДЕЈСТВУВА

Корупцијата е проблем што бара отвореност и сериозни заложби, а за тоа се потребни интелектуалци во вистинската смисла на зборот. Група луѓе што имаат капацитет и одговорност да се борат во име на вистината, а со тоа и да ги антиципираат проблемите, да ги анализираат недостатоците и да трагаат по решенија.
И историјата потврдува дека општествата се потпираат на интелектуалците за да ја утврдат поврзаноста на нештата и да упатат кон вистинската насока на движење.

Чомски вели дека интелектуалците имаат одговорност да зборуваат за вистината и да ги покажат лагите, но и да ги набљудуваат случувањата од историска перспектива. Нема подобар начин во справувањето со корупцијата и сите нејзини последици отколку да се сфати дека е време да се дејствува.
Или, како што вели Хана Арент, дојде време одново да се обединат науката и политичкото мислење, да се спојат калкулацијата и алгоритмите на интелигенцијата со расудувањето и критиките!

Поврзани новости