Откако од здружението на граѓани Ековита од Неготино објавија дека единствено Левица ветила да го потпише Зелениот меморандум, односно договор со кој кандидатите за градоначалници и носители на советнички листи од општината се обврзуваат да не дозволат влез на загадувачка индустрија во градот, јавно се огласи д-р Горан Стојанов, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
Тој тврди дека е против изградба на гасна централа, и нема да поддржи проекти кое се штетни по здравјето и околината.
-Јас, д-р Горан Стојанов, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и иден градоначалник на општина Неготино, јавно изјавувам дека сум против изградба на гасна централа и секакви други видови на загадувачи на територијата на Општина Неготино.
Го поддржувам и ќе го потпишам зелениот договор подготвен од страна на Ековита.
Истото се однесува и за кандидатите за советници од листата на ВМРО-ДПМНЕ од Неготино. Советниците од листата на ВМРО-ДПМНЕ од Неготино и јас цврсто и одлучно стоиме на ставот дека нема да поддржеме никакви проекти штетни по здравјето на граѓаните од Општина Неготино – порача Стојанов.
По повод прашањето, се уште се нема огласено актуелниот градоначалник и кандидат за втор мандат, Тони Делков од редовите на СДСМ, како и останатите носители на советнички листи. Во изјави за медиуми, носителите на листа на МААК и ТМРО порачаа дека ќе се борат против влез на загадувачка индустрија, но сепак официјално, не најавија потпишување на Зелениот меморандум.
Вики Клинчарова