Драги соборци за правда и слобода,
Борбата за правда продолжува, протестиравме и ќе протестираме долго. Нека не ви паѓа на ум дека со протестирање ништо нема да се смени, тоа е класична замка. Тоа се оние песимистички и релативизаторски ставови што се потикнувачи на скептицизмот и имаат за цел да изиграат во полза на власта, а исто така и да направат обиди да ја намалат бројноста и етнузијазмот кај граѓаните. Власта користи методи за да те убедат дека од тебе ништо не зависи за потоа да можат да работи без да одговараат пред народот. Но, имај ум дека Ти си во Уставот, ти си во законите, ти си тој пред кого треба да одговараат сите кои се на функција. Овие протести се токму за тоа, за барање правда и барање одговорност, а верувам дека во иднина ќе бидат и останат како пример никој повеќе да не смее да си поигрува со нашите права и со судбината на нашиот народ.
Почитувани граѓани, од денес треба да ги збиеме редовите. Повторно да ја оживееме мотивацијата и фокусот и од денес треба посилно и помотивирано да протестираме.
Затоа излези на улица и искажи го своето незадоволство. Биди на секој протест без исклучок. Не дозволувај да опадне твојата лична мотивација. Протестот е вистинското место на кое треба да бидеш. Со тоа докажуваш дека Македонија има вистински патриоти кои се спремни да ја продолжат борбата. Биди истраен и бори се со своето присуство. Секој ден без исклучок. Бројноста е важна. Таа покажува дека во Македонија има свесни граѓани, а ти си дел од нив. Убедувај ги твоите блиски (семејство, роднини и пријатели) да се охрабрат и да дојдат на протест. Вистината, причините и фактите се на твоја страна. Некогаш треба малку за да другиот ја премине линијата на стравот. Бори се. Охрабри ги. Помогни им. Да им помагаме на сите да се освестат и да сфатат дека присуството на протест е најпартиотскиот чин со кој покажуваме дека правдата е важна и дека оваа наша земја има народ што се бори за неа.
Протестот е наша граѓанска должност! Правната држава и народот кој се бори за своите права и правата на своите сограѓани се тие кои секогаш ќе застанат во твоја заштита. Биди солидарен и застани ти во нивна одбрана.
Овој пат одиме до крај, до слобода! Заедно и сложно!
Се гледаме во 18 часот пред СЈО!