Пензионери од неколку градови денеска излегоа на протест и бараат линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите
Прилепските пензионери ги продолжуваат протестите во центарот на градот пред Здружението на пензионерите. Тие не отстапуваат од барањето за линеарно, а не процентуално зголемување на пензиите. Тие бараат зголемување на пензиите да биде за 3/500 денари. Пензионерите се револтирани зашто немаат поддршка од раководството на прилепското здружение на пензионерите и бараат негова смена.
Протестите денес се проширија и десетици пензионери излегоа на протест со истите барања во Тетово и Свети Николе, а минатата недела имаше протести во Штип, Кочани, Куманово и Велес.
Пензионерите денеска собираа и потписи кои заедно со барањето за линеарно зголемување на пензиите ќе го достават до претседателството на Здружението на пензионери на Македонија, до Владата и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
За барањето за линеарно усогласување на пензиите денеска свој став соопшти и Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија (СЗПМ). Оттаму велат дека линеарно усогласување нема ниту во земјите од нашето опкружување, ниту во пензиските системи на европските земји.
„Во услови на редовна исплата на пензиите и усогласување на пензиите со 8,4 проценти од први март 2023 година и очекувано услогласување од околу шест проценти од први септември, вкупното усогласување во 2023 година ќе изнесува околу 15 проценти, групи на незадоволни пензионери бараат поголемо усогласување на ниските пензии односно линеарно услогласување на сите пензии. Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија го поддржува барањето за покачување на висината на минималната пензијаи и затоа подготви предлози за зголемување на износот на најнискиот износ на пензија и истите ќе бидат доставени до Министерството за труд и социјална политика“, се наведува во соопштението од СЗПМ.
СЗПМ смета дека предлозите се одржливи и остварливи и нема да предизвикат финансиска нестабилност на Фондот на ПИОМ.