По четири месеци од смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која почина чекајќи операција во странство, граѓанската иницијатива „Протестирам“ во 18 часот протестно ќе маршираат од пристапот кон Владата на булевар Св. Климент Охридски до Министерството за здравство.
– Да им покажеме на властите дека не сме ја заборавиле Тамара, дека бараме правда за неа и дека нема да дозволиме убијци на деца да бидат на власт! Тамара не доби можност за живот. Властите тоа не ѝ го дозволија, оставајќи ја да страда во лавиринтите на бирократијата и здравствената администрација. Оставките на двајцата, сега веќе поранешни директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева -Змејкова и Џемали Мехази не се доволни. Најодговорен за смртта на Тамара е сѐ уште актуелниот Министер за здравство, Никола Тодоров, кој вети дека ќе бидат платени сите трошоци за лекување и операција на Тамара. Притоа Тодоров излезе од рамките на своите надлежности, а нам ни го одзеде правото да бидеме хумани и сами, како граѓани, да ги собереме потребните средства, затоа што не верувавме дека некој може да биде толку суров и да излаже цел еден народ, за едно болно 9-годишно девојче, кое бараше шанса за живот – се наведува во соопштението од „Протестирам“.
Од таму тврдат дека денеска уште погласно ќе побараат оставка и правна одговорност од Никола Тодоров.
– Ќе бидеме доволно гласни за и во Брисел да се слушне дека каква било преодна влада која би вклучувала отчовечени властодршци како Тодоров е неприфатлива – се наведува во нивното соопштение.