Протести за цената на струјата или политички калкулации за подобри позиции во новата Влада?

by fokus

Одлуката на Регулаторната комисија за енегетика со која се зголеми цената на струјата за 7,4 отсто, предизвика низа реакции во јавноста, а граѓаните се организираа и на протести против зголемувањето.

Анализите покажуваат дека просечната сметка кое едно домаќинство би ја плаќало за електрична енергија изнесува 1.751 денари, што е за 146 денари повеќе споредено со 2019 година кога просечната сметка за домаќинствата изнесувала 1.605 денари. Во истиот период, просечната нето плата во 2019 година изнесувала 25.215 денари, додека заклучно со мај 2020 година просечната нето плата изнесува 26.678 денари, што претставува зголемување од 1.463 денари. Ако пак го споредиме трошокот за електрична енергија како удел во просечната нето плата исплатена во мај годинава, пресметката покажува дека месечната сметка за електрична енергија учествува со 7,75 отсто.

Причините за револт кај граѓаните се разбирливи, имајќи го во предвид стандарот и целата ситуација на неизвесност која произлегува од пандемијата од Ковид 19. Од друга страна, ако се земе предвид дека зголемувањето на цената на струја се должи на поскапувањето на цената за производство и пренос што е процент кој отпаѓа на државните МЕПСО И ЕСМ, збунувачки се и причината за протестот и барањата на иницијативниот одбор. Имено Иницијативниот одбор кој закажа протест против зголемувањето на цената објаснува дека причината на протестот е монополот на ЕВН и долгите редови на чекање за да се платат сметките, но не се протестира и против државните компании каде што има огромна превработеност и заради што се зголеми цената на струјата.

Протестите закажани во Тетово, Гостивар и скопската општина Чаир се случуваат и непосредно пред формирањето на новата Влада, кога е неизвесно која од албанските партии ќе биде дел од неа. Со оглед на аргументите за долгите чекања за сметка и немањето место за поплаки, како и барањето за формирање на независно тело наспроти Регулаторната комисија за енергетика, која и сега е независно тело формирано од Собранието по теркот на ЕУ стандардите, се поставува прашањето дали протестите против новата цена на струјата немаат друга цел?

Поврзани новости