Властите во Иран егзекутираа тројца мажи осудени на смрт поради учество во антивладини протести низ целата земја минатата година, соопшти судството.
Тие беа осудени за учество во пукотница во градот Исфахан во ноември, во која беа убиени тројца припадници на безбедносните служби.
Од невладината организација Амнести интернешенел велат дека на овие демонстранти им било судено неправедно, и дека биле подложени на малтретирање и тортура.
Од декември, четворица демонстранти се егзекутирани. Десетици од нив се осудени на смрт или обвинети за кривични дела казниви со смрт.
Протестите се проширија низ Иран по смртта во притвор на 22-годишната Махса Амини, која беше уапсена во главниот град Техеран во септември 2022 година поради наводно „неправилно“ носење хиџаб.
Егзекутираните Маџид Каземи (30), Салех Мирхашеми (36) и Саид Јакуби (37) беа уапсени на 16 ноември по протестите во централниот град Исфахан, при што беа убиени двајца припадници на паравоените сили Басиџ и еден полицаец.
Извори за Амнести рекоа дека мажите биле насилно исчезнати, мачени и потоа принудени на присилни „признанија“, што послужило како основа за кривична постапка против нив.
Инспекторите, наводно, го држеле Каземи наопаку, покажувајќи му видео на кое го мачат неговиот брат и лажно му се закануваат дека ќе ги убијат неговите браќа.
„Се колнам во Бога дека сум невин. Немав оружје на себе. Тие (безбедносните сили) ме претепаа и ми наредија да кажам дека ова оружје е мое. Им реков дека ќе кажам што сакаат, се додека го остават моето семејство на мира“, рекол Каземи во аудио пораката од затворот.
Револуционерниот суд ги прогласи за виновни за „непријателство кон Бог“, нејасно дефинирано обвинение за загрозување на националната безбедност, осудувајќи ги на смрт во јануари по, како што рекоа активистите, четиридневно судење.