Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците низ цела Франција, изразувајќи го незадоволството од одлуката на претседателот Емануел Макрон да го назначи политичарот од десниот центар, Мишел Барние, за премиер, додека лево ориентираните партии го обвинуваат за кражба на парламентарните избори.
Макрон во четвртокот го именуваше 73-годишниот Барние, конзервативец и поранешен преговарач на Европската Унија за Брегзит, ставајќи крај на двомесечната потрага по нов премиер по сопствената одлука за распишување на вонредни парламентарни избори кои резултираа со поделба на парламентот во три блока.
Во своето прво интервју како шеф на владата, Барние синоќа изјави дека неговата влада, која нема јасно мнозинство, ќе биде составена од конзервативци, членови на таборот на Макрон и, како што рече – се надева и на политичари од левицата.
Барние се соочува со тешка задача – обидот да спроведе реформи и да го донесе буџетот за 2025 година, додека Франција е под притисок од Европската комисија за намалување на дефицитот.
Левицата, предводена од крајнолевата партија „Непокорена Франција“, го обвини Макрон дека ја потиснал демократијата и ги украл изборите, откако одби да го назначи кандидатот на левиот сојуз „Нов народен фронт“, кој освои најмногу места во парламентот, иако нема апсолутното мнозинство.
Вчерашната анкета на „Елабе“ покажа дека 74 проценти од Французите сметаат дека Макрон ги игнорирал резултатите од изборите, а 55 проценти веруваат дека ги изманипулирал.
Реагирајќи на именувањето на Барние за премиер, чија централнодесничарска партија Les Republicains е само петтиот блок во парламентот со помалку од 50 пратеници, лидерите на левичарските партии, синдикати и студентски организации повикаа на масовни протести пред понатамошни дејствија, вклучително и можни штрајкови на 1 октомври.
Партијата ЛФИ најави одржување на 130 протести низ државата.
Барние ги продолжи консултациите и денеска, во обид да формира нова влада, што е тешка задача со оглед на тоа што се соочува со потенцијално гласање за недоверба, особено со оглед на итноста на буџетот за 2025 година, за кој треба да се расправа во парламентот на почетокот на октомври.
НФП и екстремно десничарската партија Национален собир (РН) заедно имаат мнозинство и, доколку одлучат да соработуваат, би можеле да го соборат премиерот со гласање за доверба.
Но, РН објави условно одобрување на Барние, што ја прави партијата клучна за формирање на нова влада.
Критичарите го обвинуваат Макрон дека ја предал власта на владата во рацете на Националниот собир на Марин Ле Пен.