Во период кога состојбата со корона вирусот е крајно загрижувачка во Прилеп, град кој е втор во државата според број на починати, хоспитализирани и новозаразени, прилепски музичари најавуваат блокада на превојот Плетвар, доколку не им се дозволи да настапуваат во живо, според протокол кој ќе биде изготвен за нив.
На првиот активен колегијален состанок кој го одржале, потпишани се 54 присутни музичари. Според објавената листа, можат да се забележат имиња на музичари кои настапуваат на свадби и семејни свечености, додека звучните музички имиња од Прилеп не се потпишани.
Цела година не работиме и немаме право на егзистенција. Дискриминирани сме и немаме право да ги оставруваме своите обврски. Не бараме пари од државата, туку изготвување на протоколи и мерки за да можеме да музицираме. Апелираме до музичките здруженија да се изготви протокол и да се достави до Владата, во спротивно масовно ќе излеземе на протести 24/7 блокирајќи го превојот Плетвар – наведено е во нивното соопштение.
Додека прилепските музичари бараат настапи во живо, прилепските здравствени работници цела година работат во пандемија под голем притисок, уморни се, а многу од нив и самите се инфицираа од вирусот. Поради загрижувачката состојба во општината, прилепскиот градоначалник Илија Јовановски вчера имаше обраќање. Тој на прес конференција информираше дека Кризниот штаб од општината бара заострување на мерките во Прилеп, односно полицискиот час да започнува во 19 часот и да трае до пет часот наутро.
-Свесни сме дека оваа мерка ќе го наруши комодитетот на граѓаните. Но, подобро на сите да ни бидат скратени дружбите и забавите во период од две-три недели, отколку да го зголемиме ризикот и можноста да бидат заразени повозрасните, ризичните и групите на граѓани кои имаат пропратни болести – изјави градоначалникот.
Исто така, вчера во Прилеп беа донесени заклучоци со кој се редуцира јавниот превоз и автобусите сообраќаат до 18 часот, со помал број на патници, како и се најавија засилени контроли во угостителските објекти.
Вики Клинчарова