По повеќе од 40 дена блокада од локалните граѓани и еко-активисти од цела Македонија, Граѓанската иницијатива „Спас за Дошница“ објавува „Протестфест: Дошница“ – настан што ги обединува сите оние кои не сакаат да ги изгубиме водата, шумите и планините во Македонија како жртви на профитот и алчноста.
На 9 и 10 август (сабота и недела), кај планинарскиот дом во Смрдлива Вода над Гевгелија, ќе се одржи дводневен протест-фестивал со жива музика, работилници, дискусии, детска програма, отворен базар и планинарски акции, во знак на протест против изградбата на две мали хидроцентрали на Дошница, една од најчистите реки во Македонија.
„Ова не е само протест, ова е одбрана на чистата, питка вода од која ни зависи иднината на нас и нашите деца, идните генерации што ќе живеат на ова парче земја. Питката вода е ограничена, не е бесконечна, и без неа нема живот! А институциите се расфрлаат со нашите последни, недопрени, чисти извори на питка вода како да нема утре. Затоа дојди и придружи ни се! Ќе се дружиме, ќе слушаме музика, ќе читаме поезија и ќе им нагласиме на институциите најгласно што можеме: Реките нема да се ставаат во цевка!
Македонија не е хидроцентрали, не е бетон и згради, не е приватна фирма која секој може да ја уништува. Македонија е мајката природа, реките, езерата, планините, изворите. Македонија се свесните луѓе кои знаат што значи да се зачува и одржи недопрената природа, за и таа да може да нѐ чува нас!
Гласно го креваме својот глас против изградбата на две мали хидроцентрали на реката Дошница и загрозувањето на водата за пиење на Демир Капија, Гевгелија, Кавадарци, Неготино и Росоман, уништувањето на македонската автохтона пчела, животинскиот и растителен речен свет и исконската шума на Кожуф. Да ја одбраниме честа, духот и човечноста за која нашите деца и внуци ќе ни бидат благодарни. Дојди и биди дел од отпорот против уништувањето на нашата природа!“, велат од организаторот.
Во сабота, програмата нуди: настапи на The Mole Pack, Мојра, Медарски, Kungfoolish, креативни работилници за деца и возрасни,
дискусии за енергетската политика, природата и активизмот.
Во недела, посетителите ќе можат да се приклучат на мирната блокада на трасата на хидроцентралите, а потоа да уживаат во поезија, филмска проекција и jam session во домот.
Повеќе информации за настанот ќе најдете овде: https://www.facebook.com/share/19qoUYEUhW/