Во недела во 17 часот е најавен протестен марш од страна на граѓанското движење „Кој е следен?“.
Како што информираат од движењето, дополнително ќе бидат објавени рутата и динамиката на протестниот марш.
– Зошто одиме на протест во недела? Поради правосудството? Поради криминалот? Поради корупцијата? Поради недостатокот на култура? Поради сите пријатели кои ни заминаа? Поради лошите политичари? Поради лошата надворешна политика? Поради расплаканите мајки? Поради отсутните татковци? Поради немањето основно животно достоинство? Поради небезбедноста? Поради згаснатите соништа? Поради украдените години? Поради уништените работни места? Поради мизерните плати? Поради децата што растат без надеж? Поради болниците што не лекуваат? Поради судиите што не судат? Поради професорите што не предаваат? Поради новинарите што молчат? Поради младите што не се враќаат? Поради селата што умираат? Поради градовите што гасат светлина? Поради воздухот што не се дише? Поради образованието што не образува? Поради полицијата што не штити? Поради партиите што не служат? Поради надежта што ја убиваат? Поради љубовта што ја претворија во луксуз?
Поради животот што го направија преживување? Одиме на протест поради тоа што сакаме да живееме тука! – наведено е во најавата за протестниот марш.
Граѓанското движење „Кој е следен?“ започна да функционира набргу по смртта на младата дизајнерка Фросина Кулакова. Неговата мисија, како што е истакнато на официјалната страница „Кој е следен?“ е борба против системското не функционирање.
Но, иако настанот со Кулакова ја потресе целата земја, голем дел од граѓаните продолжуваат со старите погубни навики во сообраќајот.
Според Министерството за внатрешни работи, само во тек на вчерашниот ден биле регистрирани дури 1.039 сообраќајни прекршоци, помеѓу кои непочитување на брзина на движење, управување на возило без возачка дозвола, минување на црвено светло, алкохолизирани возачи, како и управување со нерегистрирани возила. Исто така, од трагедијата до денес, за само две недели, беа регистрирани и десетици случаи на сообраќајки во кои беа повредени пешаци, како и сообраќајки со смртни последици.
– Бараме безбедни градови, одговорни институции и крај на глорификацијата на девијантното однесување. Граѓаните се на потег – бидејќи секој еден може да е следен, е пораката на движењето.
Од таму, ги повикаа и инфлуенсерите во земјава да се приклучат и да застанат против неправдата, неказнивоста и небезбедноста, но и дадат поддршка за протестот.
– Вашите платформи се клучен дел од општеството! Секој глас е важен, а вашиот допира до илјадници, затоа, придружете се, порачаа од „Кој е следен?“.
Вики Клинчарова