Независниот синдикат за образование и наука попладнево излезе на протестен марш во Битола, со барање за угогласување на платите во образованието и почитување на колективните договори.
-Бараме тоа што ни следува според Колективен договор и затоа испраќаме јасна и гласна порака дека е потребно и не смее да се одложува почитувањето на колективните договори во основното и средното образование, односно на Општиот колективен договор, изјави претседателот на Независниот синдикат за образование и наука Томислав Гиевски.
На вечерашниот протестен марш по Широк Сокак кој заврши на плоштадот Магнолија, Гиевски посочи дека е потребно час поскоро да се направи услогласување на платата согласно растот на минималната плата затоа што не може само НСОН во 2024 година да не добие порамнување на платата.
Не се откажуваме од предвидениот рок за исплата на плата кој мора да биде 10-ти во месецот затоа што така пишува во колективните договори. Не се откажуваме ниту од правата што се содржани во колективните договори и потребно е истите во целост да се почитуваат, посочи Гиевски.
Побара и трансфомација на работниот однос од определено на неопределено време за членовите на Синдикатот.
– Апелираме сите институции да го почитуваат Општиот колективен договор, да се исплаќа јубилејна награда најдоцна до 31 декември, а ако не се почитуваат правата од потпишаните колективни договори, тогаш од 1 јануари 2025 година ќе покренеме постапки кои државата ќе ја чинат многу поскапо, рече Гиевски.