Енормното загадување на воздухот во Струмица со ПМ 10 честички и заради надминатиот праг на алармирање, како и по четврти пат оваа зима стапување во сила на препораките на Министерството за животна средина и просторно планирање, денеска ги крена струмичките екологисти и граѓаните на протестен марш под мотото „Забрането дишење“во организација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ од Струмица.
Организаторите побараа спроведување на план за итни мерки и долгорочни решенија за заштита на животната средина во Струмичката котлина и за намалување на загадувањето со вонредни и краткорочни мерки.
-Привремена забрана за работа на индустриските погони со висок степен на загадување додека не се инсталираат филтри и не се потврди усогласеност со еколошките прописи, контрола на согорување на опасни и несоодветни материјали во пластениците и индустриските објекти со дваесет и четири часовни патроли, користење на рачни мерачи и дронови, итно затворање на дивите депонии кои испуштаат токсични гасови, нивна санација и физичко обезбедување на локациите со камери и бариери, зачестена контрола на нелегална сечна на огревно дрво, забрана за дотур и пуштање во промет на огревно дрво што не е отстоено во склад осум месеци од денот на сечење – рече Оливера Аризанова, која ги пренесе барањата на екологистите за намалување на загадувањето на воздухот во Струмица.
Според Стојан Велков, институциите кои треба да се справуваат со загадувањето спијат и има несовесни загадувачи кои горат се си сешто во своите печки.
-Ова загадување е масовно убиство на Македонија. Ова загадување го има во сите градови, но Струмица води, таа е втора во Македонија, седма во Европа. Од каде ова загадување сите се прашуваме. Имаме индустриски капацитети што загадуваат, имаме фабрики што работат без филтри, имаме несоодветно регулиран сообраќај, имаме домови кои користат најразлични материјали за затоплување, но најголем загадувач е корупцијата која владее – истакна Велков.