Група граѓани во Струга протестираа против отворањето коцкарници и обложувалници во градот. Се противат како што велат, на најавите и обидот за изградба на уште едно казино во непосредна близина на училиште.
-Сме за да нема казина во Македонија како што е на пример во Грција. Да не се до вакви станбени места или до школи, барем да најдат начин тоа да се дислоцира, вели жител на Струга.
-Ваквите локали треба да бидат надвор од урбаните места каде што живеат луѓе. На 200 метри одовде ја имаме градинката. Прво нешто што треба да направи државата е да го реши овој проблем со закон, порача граѓанин присутен на протестот.
На протестот беа присутни и претставници на Муфтиството на ИВЗ во Струга, од каде побараа затворање на сите казина.
-Гледаме секој ден лошо и полошо. Не само тие што играат туку и тие што ја поддржуваат оваа болест, казино. Ние не бараме да е блиску или далеку од градинките, ние бараме да се тргнат сосема од нашето општество,порача Ади Муртиши, муфтија од Струга.
Во Струга има педесетина казина и спортски обложувалници. Жителите велат дека поднеле барање за стопирање на работите до општината и ресорните министерства.