Голем протест се одржува на главниот плоштад во шведскиот град Малме, каде вечерва се одржува финалето на Евровизија. Протестот започна во 16 часот, а насобраните планираат да стигнат до Малме арената каде што се одржува Евровизија.
Неколку стотици луѓе излегоа на улица со исти барања – да се бојкотира Евровизија и да се исклучи Израел од натпреварот.
Демонстрантите носат транспаренти: „Евровизија го нормализира израелскиот геноцид“, „Израел, надвор од Евровизија“, „Евровизија слави геноцид“ и „12 поени за Џаст Клајн“.
Овогодинешниот Избор за песна на Евровизија доби политички тон, повеќе од музички, и се соочува со протести поради учеството на Израел, земја обвинета за воени злосторства во Газа.
Холандскиот претставник Џаст Клајн е исфрлен од Евросонг пред финалето по „поплака од член на продуцентскиот тим“. Европската радиодифузна унија не соопшти детали за „инцидентот“ со холандскиот претставник, но во официјалното соопштение наведе дека полицијата го истражува случајот.
Во оваа прилика холандскиот јавен сервис објави дека се шокирани од ваквата одлука.
AP Photo/Martin Meissner