Жителите на населбата „Јака“ во моментот протестираат пред општина Илинден, поради, како што велат, континуираниот и долгогодишен игнорантски однос на локалната власт на чело со градоначалникот Жика Стојановски кон нивните барања за минимум пристојна инфраструктура за живеење.
-Станува збор за населба, која е дел од општина Илинден, во која и по речиси цела деценија од помпезната најава дека ќе биде елитна, се уште живееме со услови како во среден век – неасфалтирани улици, без канализација (со септички јами), делумно улично осветлување… во мрак, во кал, без јавен превоз, без можност за непречен пристап на Брза помош или противпожарно возило, и тоа 9 години по почнувањето на проектот! Нарушени се нашите основни човекови права на пристојно домување, во општина на само 15 километри од Скопје, која себе си постојано се декларира како отворена и одговорна локална самоуправа со висок квалитет на живеење на своите жители, изјавија жителите.
Тие му спремија и подарок на градоначалниот, односно гумени чизми, бидејќи, како што појаснија, ќе му бидат потребни доколу се одлучи барем еднаш во својот мандат да ги посети. Градоначалникот не се одзва на нивниот позив да се симне од канцеларија.
Тие најавија дека протестот ќе продолжи и во иднина.