Семејството на Тони Ѓорѓиевски – Фердо кој го уби зетот за ќерка откако тој со мачета упадна во нивната куќа, денеска организираше мирен протест пред Основниот суд. Тие бараат Фердо да се брани од слобода и да биде ослободен од притвор, бидејќи било убиство во самоодбрана.
На протестот присутни беа и синовите на убиениот, кои му се внуци на Фердо.
-Убиството се случи во самоодбрана, дојде со намера да нѐ отепа. Проблемот го имавме повеќе од 20 години. Пријавуваме и во полиција и во Социјалното. Беше консуматор на дрога, пиеше. Ги малтретираше и тепаше дома, имаше закани кон мене, кон сестра ми, кон внуците. Полицијата знаеше за криминалите и за убиството што тој го направи. Пред да се случи ова сестра ми имаше закани и од својот дом буквално со трчање дојдоа кај нас. Сестра ми кажа – овој пат е решен! Немаше друго решение јас бев буквално до татко ми, кога ја скрши вратата видов зомби, не човек, нѐ нападна со ножот, пукна татко ми со пиштолот, падна на земја и толку, вели Јове Ѓорѓиевски, син на Тони Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски вели дека неговиот татко е 62-годишен човек и нема намера да бега од државата.
-Ако сакавме да направиме бегство немаше јас лично да повикам полиција и брза помош, оти никој не сакаше да умре, ама немавме друго решение освен да пука. Ако не пукаше татко ми, сега ќе имаше многу жртви, убиениот беше подготвен и децата да си ги отепа, рече тој.