Протестниот собир на опозицијата „Србија против насилството“ по повод масовните убиства во Србија се одржа вечерва во Белград. Најпрво пред Народното собрание беа прочитани барањата на опозицијата, по што насобраните пеш тргнаа кон Владата на Србија.
Пратеникот на Демократската партија Срѓан Миливојевиќ рече дека, според проценките на полицијата, на протестот учествувале 50.000 луѓе. Протестни собири се одржаа и во неколку други градови во Србија.
Граѓаните извикуваа „Вучиќ, оставка, оставка“.
Како што најавија организаторите, протестот бил организиран без говори и обраќања, а за барањата, кои беа прочитани на почетокот на протестот, надлежните добија рок да ги исполнат до петок, 12 мај.
Меѓу барањата на демонстрантите се и оставка на министерот за полиција и првиот човек на БИА, како и смена на Советот на РЕМ и итна седница на Народното собрание на која би се разговарало за одговорноста на Владата на Србија и би се разговарало за безбедносната состојба во земјава, укинување на реалните шоуа…
Организаторите изјавија и дека протестот го организираат за да не се повторат трагичните настани „кои го зацрнија општеството“ во Србија.
Протестот го организираа Демократската партија, Народната партија, Зелено левиот фронт – „Не давимо Београд“, партијата Заједно, Партијата за слобода и правда, Движењето на слободни граѓани, Синдикатот на спогодба и Движењето за пресврт.