По објавувањето денеска на третата „бомба“ во која лидерот на СДСМ, Зоран Заев обелодени аудио снимки за како што рече, политички – монтираниот процес против Љубе Бошкоски, вечерва пред зградата на Илинденска се собраа група граѓани, кои протестираат револтирани од се што слушнаа на објавените снимки.
Граѓаните се згрозени од начинот на кој државниот врв бара од медиумите да известуваат и како се договараат телевизиските прилози. Пред владата повторно се преслушуваат денешните аудио- снимки и едногласно ечи „Грда ви е Владата“. Ништо не е поразлично и на социјалните мрежи. Тие се преплавени со коментари од револтирани и разочарани граѓани, кои како што велат, денес се соочиле со се она, за што со години се сомневале.
Заев објави телефонски разговори меѓу уредникот на „Сител“ Драган Павловиќ – Латас и шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, кои договараат како да се известува за апсењето на Бошкоски. Потоа беа објавени и аудио –снимки меѓу Гордана Јанкулоска и нејзиниот портпарол Иво Котевски, каде што падна договор какви слики да се пуштат по медиумите од спектакуларното апсење на поранешениот министер за внатрешни работи. Исто така беа објавени телефонски разговори меѓу Јанкулоска и Мартин Протоѓер и уште еден телефонски разговор меѓу Мијалков и Латас.
фото: Призма