Денеска е закажан нов протест пред Уставниот суд во знак на револт против одлуката на петмина судии да поведат постапка за оценување на уставноста на Законот за помилување со што ќе се овозможи Претседателот Иванов да може да помилува одговорни за изборните нерегуларности.
Во повикот за протест се наведува:
-Платформата за граѓанска политика ги повикува сите слободоумни граѓани и граѓанки на Република Македонија масовно да учествуваат на саботниот протест пред зградата на Уставниот суд, во 13 часот.
Ајде уште еднаш јасно и громогласно да порачаме дека ние, граѓаните на оваа држава, нема да престанеме да протестираме сè додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами и други тешки криминали не си поднесат оставка.
Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта во попречувањето на правдата.
Бидејќи попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство тоа кривично дело да биде што е можно побрзо воведено во правниот систем на Република Македонија и најстрого санкционирано.
Петтемина судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна.
Граѓанки и граѓани, ајде сите в сабота, 5 март, во 13 часот да се собереме пред Уставниот суд и да порачаме:
„НЕМА ПРАВДА – НЕМА МИР!“.