Група граѓански активисти и активистки, денеска во 12 часот пред зградата на Јавното обвинителство во Скопје, ќе организираат протест заради молкот на оваа институција за одговорните за смртта на малата Тамара. Во нивното соопштение, се бара одговорност за смртта на Тамара.
„Помина една година откако почина Тамара Димовска, а Јавното обвинителство сѐ уште се нема изјаснето по кривичните пријави против одговорните за нејзината смрт. Одговорот дека се води истрага не е доволен, посебно во случај како овој, во кој сите осомничени им се познати на органите на прогонот. Јавниот обвинител уште еднаш покажа дека правдата која ја спроведува не е еднаква за сите граѓани.
Јавното обвинителство вчера иобјави дека биле повикани повеќе лица да ги дадат своите изјави, дека повеќе лица се осомничени за кривичното дело – несовесно работење во службата, како и дека по завршување на сослушувањето, ОЈО ќе донесе мериторна јавно-обвинителска одлука за која јавноста ќе биде навремено известена.
Но ние прашуваме:
– Колку време е потребно да бидат сослушани осомничените?
– Зошто Јавното обвинителство се огласи прв пат, дури откако во јавноста беше најавен протестот токму на годишнината од смртта на Тамара?
– И зошто, лицата се осомничени само за несовесно работење во службата, а не и за злоупотреба на службена положба и овластувања – дело за кое е поднесена кривична пријава против министерот Тодоров?
Бараме Јавниот Обвинител итно да покрене обвинените против одговорните за смртта на Тамара, вклучувајќи го и министерот Тодоров.
Затоа, ги повикуваме граѓаните, денеска, во 12:00 часот, сите да се собереме за да кажеме дека доста беше молк од Јавното обвинителство“, се вели во соопштението.