Во Кривичниот суд во Скопје денеска почна судењето против Љубе Крстевски со соучесник, кој на суров начин, со метална шипка и речиси без повод го претепа до смрт бездомното куче Феликс, за што заработи кривична пријава од Здружението за заштита на животните Анима Мунди и ЈП Лајка.
Адвокатот на обвинетиот побара време да ги разгледа доказите, по што судењето беше презакажано.
Феликс по два месеци лечење умре во агонија.
Анима Мунди и ЈП Лајка на протестот бараа најстроги казни за ваквите дела и иницираа промена на Кривичниот закон за да ваквите дела не поминуваат веќе заборавени, премолчени и без казна.
– Се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое, и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците, порачаа учесниците на протестот.
Тие бараат внесување на нови прецизно дефинирани категории во кривичниот законик, односно нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.